BSA Bantam 350 – Агилен модерен класик
BSA официјално го претстави новиот BSA Bantam 350 за време на ексклузивен меѓународен настан по повод лансирањето, одржан во јули.
Новиот BSA Bantam 350 ја отелотворува радоста на едноставното и неоптоварено возење, при што BSA посебно се насочува кон новите возачи – оние кои ја бараат својата „влезница“ во светот на мотоциклизмот. Оригиналниот BSA Bantam имал важна улога во повторното заживување на повоена Британија во текот на четириесеттите години од минатиот век и останал запаметен како најпродаваниот мотоцикл во историјата на Обединетото Кралство, со три изведби на моторот: 125 cc, 148 cc и 175 cc.
Исто како и оригиналот, новиот BSA Bantam 350 е наменет за возачи од сите возрасни групи и нивоа на искуство. Достапен е и за возачи со возачка дозвола од A2 категорија, нудејќи пристапна мобилност и поголема независност за широк круг корисници.
Го придвижува едноцилиндричен, течно ладен DOHC мотор со работна зафатнина од 334 cc, усогласен со Euro 5+ стандардот. Овој компактен модел е опремен со двоканален ABS систем, телескопска вилушка и задни амортизери. Естетски ги задржува препознатливите детали инспирирани од минатото – класично тркалезно предно светло, резервоар за гориво во форма на солза и елегантно заоблен заден калник.
Британскиот бренд со богато наследство се врати на мотоциклистичката сцена со повторно осмислената икона – моделот BSA Gold Star. По претставувањето на BSA Scrambler 650 кон крајот на 2024 година, за време на меѓународниот настан во лондонскиот Bike Shed во јули беше откриено дека наскоро на патиштата ќе пристигне уште еден модел.
На настанот присуствуваа новинари и инфлуенсери од мотоиндустријата од целиот свет, кои имаа можност премиерно да го видат новиот BSA Bantam 350 и да го испробаат во возење низ раздвижените улици на британската престолнина.
Anupam Thareja, коосновач на компанијата Classic Legends Pvt Ltd, сопственик на брендот BSA, изјави:
„Денес, со гордост, благодарност и доза храбар оптимизам, ви претставувам не само мотоцикл, туку движење – враќањето на моделот BSA Bantam. Што е новиот Bantam 350? Тој не е реликт од минатото, ниту имитација. Тоа е жив, модерен класик – заснован на принципите што го направија оригиналот легендарен: едноставноста и чистата радост на возењето, по пристапна цена. Во дигиталниот свет полн со одвлекувања на вниманието, духот на мотоциклизмот полека се губи, а BSA е тука за да го промени тоа. Новиот BSA Bantam 350 е создаден повторно да ја разбуди таа страст, особено кај новата генерација. Со цена што на секого му дава можност да ја започне сопствената приказна на две тркала, ова е повеќе од мотоцикл – ова е движење.“
Тој додаде:
„Нашето ветување е дека секој BSA модел ќе ги почитува занаетчиската изработка, карактерот и трајната убавина што го прославија овој бренд – од Birmingham до сите краишта на светот. Погледнете внимателно што создадовме, провозете го, почувствувајте го неговиот ритам. Не го користиме наследството за краткорочен публицитет – тука сме за заедно со вас да изградиме ново поглавје од една жива приказна. Да тргнеме кон иднината – со срцето на минатото и погледот насочен кон нови хоризонти. Bantam се врати.“
Компанијата, чии корени датираат од 1861 година, некогаш била најголемиот производител на мотоцикли во светот и важен дел од британската индустриска историја. По згаснувањето во текот на седумдесеттите години, брендот повторно бил оживеан во 2016 година благодарение на компанијата Classic Legends Pvt Ltd, подружница на глобалната автомобилска групација Mahindra Group.
Од успешното враќање на брендот, производителот го обновува своето златно наследство и повторно ги освојува пазарите на Обединетото Кралство, Европската Унија, Нов Зеланд, Филипините, Индија и Јапонија.